Путин повторно најмоќен во светот

Рускиот претседател Владимир Путин втора година по ред е прв на листата најмоќни лидери во светот, според американското списание „Форбс“.

Русија годинава го анексираше Крим, поттикна судири во Украина и потпиша со Кина договор за гасовод во вредност од неколку милијарди долари, што според „Форбс“ е најголем конструкциски проект во светот.

На второ место е американскиот претседател Барак Обама, што веќе трет пат од почетокот на својот претседателски мандат не успева да го освои епитетот најмоќен лидер во светот.

На листата од вкупно 72 кандидати, на првите пет позиции се најдоа истите лидери како и минатата година.

На трето место е кинескиот претседател Кси Џинпинг, за кого се очекува да владее во текот на деценијата во која Кина ќе ги надмине САД како најголема економија во светот.

Папата Франциско е на четврта позиција, додека на петто место е германската канцеларка Ангела Меркел.