Путин: Романија и Полска сега се на нишанот на Русија!

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот ги предупреди Романија и Полска дека би можеле да се најдат на нишанот на руските ракети, бидејќи се домаќини на американскиот противракетен штит што Москва го смета за закана за нејзината безбедност.

Инаку, ова е досега најострото предупредување на Путин за ракетниот штит – тој рече дека Москва постојано повторувала дека ќе мора да преземе одмазднички чекори, но дека Вашингтон и неговите сојузници ги игнорирале предупредувањата.

Во почетокот на месецов американската војска – која вели дека штитот ѝ е потребен за заштита од Иран, а не за да ѝ се заканува на Русија – го вклучи романскиот дел од штитот. Во моментов се работи и на друг дел од штитот, во Полска.

Ако вчера луѓето во оние области на Романија едноставно не знаеја што значи да се биде на нишан, денес ние ќе бидеме принудени да преземеме одредени мерки за да ја осигуриме нашата безбедност, изјави Путин на заедничката прес-конференција во Атина со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Тоа важи и за Полска, изјави тој.

Путин не прецизираше какви активности ќе преземе Русија, но инсистираше дека таа не го прави првиот чекор, туку само одговара на потезите на Вашингтон.

Ние нема да преземеме никаква акција додека не видиме ракети во областите со кои граничиме, рече рускиот претседател.

Тој рече дека аргументот дека проектот бил потребен за одбрана од Иран нема смисла, бидејќи е постигнат меѓународен договор за намалување на нуклеарната програма на Техеран. Проектилите што ќе го формираат штитот лесно може да ги достигнат руските градови, рече тој.

Како може тоа да не биде закана за нас?, праша Путин.

Тој ја искажа својата фрустрација дека поплаките на Русија во врска со ракетниот штит биле игнорирани.

Ние како мантра повторувавме дека ќе бидеме принудени да одговориме… Никој не сака да нè слушне. Никој не сака да води преговори со нас.