Путин: Русија и Турција за зони за смирување на тензиите поради мирот во Сирија

(© РИА Новости . Алексей Никольский)

Русија, којашто е сојузник на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, и Турција, којашто е ги поддржува сунитските бунтовници кои повеќе од шест години се обидуваат да го соборат од власта, се заземаа за воспоставување „области за смирување на напнатостите“ во Сирија и зацврстување на примирјето, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес-конференција со турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган.

„Нашиот заеднички став за воспоставување области за смирување на тензиите треба да овозможи враќање на мирот и зацврстување на примирјето“, рече Путин во средата на заедничката конференција за медиумите со Ердога во црноморското летувалиште Сочи, каде што ден претходно разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел.

Според рускиот претседател, покрај тие области, ќе бидат воведени и зони за забрана за летање нешто што Турција со години го бараше од своите западни сојузници, „со услов во тие области да нема никакви воени дејствувања“.

Владимир Путин рече дека за областите за „смирување на тензиите“, што западните аналитичари го сметаат за нејасен термин споредлив со тампон-зони, во вторникот разговараше телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп. „Доколку добро сфатив, американската администрација го поддржува тој предлог“, додаде рускиот претседател.

Овие области би требало да овозможат политички дијалог меѓу завојуваните страни. „Тој политички процес на крајот би требало да доведе до повторно целосно воспоставување на интегритетот на земјата“, додаде Путин.

Борбата со терористичките организации, како што се Исламската држава и Џебхат ал-Фатах ал-Шам, сириската ќелија на Ал Каеда, ќе продолжи и покрај евентуалното воведување на споменатите области, рече Путин.

Ердоган од своја страна, пак, рече дека со рускиот колега разговарал за воспоставувањето на тие зони „на географската мапа“, повикувајќи ваквата идеја да биде прифатена во казахстанската престолнина Астана, каде што во средата започна четвртиот круг од мировните преговори меѓу владата и вооружената опозиција, под покровителство на Русија, Турција и Иран.

Овие зони, кои се дел од рускиот предлог, би биле воспоставени во бунтовничките области во покраината Идлиб, во централната покраина Хомс, во бунтовничката енклава Гута, предградие на сириската престолнина Дамаск, и на југот од Сирија.

Според арапската верзија на рускиот предлог, кој агенцијата AFP го добила на увид, покрај „областите за смирување на тениите“ ќе бидат воведени и „безбедносни зони“, коишто ќе опфаќаат контролни точки и центри за контрола, ои заедно ќе ги надзираат сириската армија и бунтовниците.

Во продолжение на прес-конференцијата, во врска со руско-турските односи кои беа силно нарушени по турското соборување на руски бомбардер кон крајот на 2015 година на сириската граница, Путин рече дека во моментов „со увереност може да се констатира дека периодот на закрепнување на руско-турските односи е завршен“. „Се враќаме кон нормалното партнерство и соработка“, рече рускиот челник.

Во текот на престојот на Ердоган во Сочи биле склучени повеќе договори во економијата и енергетиката, и биле разгледувани исполнувањата од програмата за соработката меѓу Русија и Турција во периодот 2017 до 2020 година.