Свет

Путин: Русија не дозволи да и се случи југословенско сценарио

Путин: Русија не дозволи да и се случи југословенско сценарио

Русија верува во себе, во тоа дека може многу и дека се ќе оствари, рече денеска рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи дека поддршката од странство на сепаратизмот во Русија беше очигледна, а таа не дозволи пат кон распад според југословенското сценарио, пренесе МИА.

-Без разлика на нашата отвореност без преседан, без разлика на тоа што на нашите довчерашни противници гледавме како на блиски пријатели и речиси сојузници, поддршката на сепаратизмот во Русија од странство – и информативна, и политичка, и финансиска, па ако сакате и по линијата на специјалните служби, беше апсолутно очигледна, рече тој.

Путин во обраќањето на руското Федерално Собрание посочи дека Русија не дозволила да им се случи југословенско сценарио на распад.

– И немаше сомнение дека со задоволство ќе не пуштеа по југословенското сценарио на распад и поделба со сите трагични последици што за народите во  Русија тоа значеше. Не се случи. Не дозволивме, рече  Путин, додавајќи дека Русија тоа своевремено не му го дозволи ниту на Хитлер.

Путин укажа дека следната година ќе се одбележи 70-годишнината од победата во Втората светска војна.

-Нашата армија го порази непријателот, ја ослободи Европа. Меѓутоа, не треба да се заборави ниту на тешките порази во 1940-1941 година, за во иднина да не се повторуваат истите грешки, нагласи тој.

Заблагодарувајќи им се на Русите за поддршката и солидарноста во моментите кога се решава иднината на земјата, Путин рече дека е бесмислен разговорот со Русија од позиција на сила.

Тој повтори дека санкциите им штетат на сите, па и на оние кои ги воведоа, како и тоа дека Москва нема намера да ги урива односите со Европа и Америка.

Обединувањето на Крим и Севастопољ со Русија за Путин е историски чин, додавајќи дека за Русија Крим има огромно цивилизациско и сакрално значење и дека на тој начин Русите секогаш се однесувале и ќе се однесуваат.

Ова беше 11. обраќање на Путин, а во Кремљ се собраа повеќе од илјада официјални претставници – пратеници на Горниот и Долниот дом на Парламентот, членови на владата, првите луѓе на Уставниот и Врховниот суд, гувернери, претседатели на собранијата на субјектите на Федерацијата, претставници на традиционалните конфесии, директори на водечките медиуми и општествени и јавни работници.