Путин создава Евроазиска унија

Лидерите на Русија, Белорусија и Казахстан денеска во Астана ќе потпишат договор за Евроазиски економски сојуз, што ќе стапи на сила на први јануари 2015 година.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, стигнал денеска во Казахстан каде тој и претседателите на Белорусиија и Казахстан треба да го потпишат договорот за основање на Евроазиска економска унија.

Како што претходно е соопштено од прес службата на Кремљ, основањето на унијата ги воведува земјите-учеснички на највисоко ниво на интеграција. Трите земји се обврзуваат да гарантираат слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила. Ќе се реализира согласена политика во клучните сектори на стопанството – енергетика, индустрија, земјоделство и сообраќај.

На тој начин ќе се заврши формирањето на најголемиот заеднички пазар од 170 милиони луѓе, на територијата на Заедницата на независни држави, што ќе стане моќен центар за економски развој, се истакнува во соопштението од Кремљ, пренесува Итар-Тасс.

За време на преговорите се очекува да се разгледуваат од практичен аспект функционирањето на Царинската унија и заедничкиот економски простор.

Ќе бидат разгледани прашања за проширување на составот на учесниците во евроазиската економска интеграција, меѓу кои и пристапувањето на Ерменија и подготовка на „патоказ“ за прилагодување на законодавството на Киргистан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.