Путин во Сочи разговараше со Асад, подоцна ќе му се јави на Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна во понеделникот ноќта во Сочи со сирискиот претседател Башар ал-Асад, два дена пред трилатералната средба на челниците на Русија, Иран и Турција исто така во Сочи и притоа најавија скорешно прекинување на воените операции во Сирија, објави Кремљ во вторникот откако Асад го напушти црноморското летувалиште на рускиот југозапад.

„Владимир Путин имаше преговори со сирискиот претседател Башар ал-Асад кој допатува во Русија во работна посета“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Во текот на средбата којашто се одржа во летната резиденција на руските претседатели во Сочи, Путин му честитал на Асад на неговите резултати во борбата против тероризмот, оценувајќи дека наближува „неизбежниот и конечен пораз на терористите“ во Сирија.

Двајцата претседатели се согласиле дека фокусот во Сирија сега треба да се префрли од водењето на воените операции во потрагата по политичко решение за војната започната во март 2011 година, со бунт на сунитите инспириран од ткн Арапска пролет со којашто со помош на одредени арапски земји и Западот беа соборени децениските владетели во земји како Либија, Тунис, Египет, Јемен…

„Се’ уште мораме да изминеме долг пат пред да постигнеме целосна победа над терористите. Но кога станува збор за нашиот заеднички ангажман во борбата против тероризмот на подрачјето на Сирија, таа воена операција секако се приведува кон крајот. Мислам дека сега е најважно да се мине на политичките прашања и со задоволство ја примам на знаење вашата подготвеност да работите со сите кои сакаат мир и решение“, рекол Путин.

„Во овој момент, особено откако извојуваме победа над терористите, во наш интерес е да со оди со политички процес“, одговорил Асад оценувајќи дека состојбата на теренот „овозможува да се очекува напредок во политичкиот процес“.

Според соопштението на Кремљ, во вторникот Путин има намера телефонски да разговара со американскиот претседател Владимир Путин и со него да разговара, исто така, за сириската криза.

На средбата во текот на посетата на Асад, којашто според агенцијата РИА траела четири часа, Путин му ги претставил на сирискиот претседател челниците и нивните соработници на руското министерство за одбрана и на генералштабот.

Рускиот сенатор Франц Клинцевич оцени дека преговорите на двајцата лидери претставувале „колосален чекор“ во процесот на воено-политичкото стабилизирање на Сирија.

Ова беше прва посета на Асад на Русија по октомври 2015 година, кога побара руска воеан интервенција во Сирија во борбата против терористичките групации.