Путин во Србија ќе донесе дел од богатството на династијата Караѓорѓевиќ

Претседателот на Русија, Владимир Путин, на 16 октомври за време на посетата на Белград, ќе донесе српски икони и богатство, кое досега било чувано во руските манастири, а за кое се верува дека е поврзано со династијата Караѓорѓевиќ.

Еден од најмоќните политичари во светот во Конакот на кнез Милош ќе отвори и изложба која е посветена на руско-српските односи. Изложбата ќе се одвива под името „ Риско-српски световни и духовни односи од 14 до 19 век“.

„Гостинот од Русија со себе ќе донесе и наше богатство, главно она кое и припаѓало на династијата Караѓорѓевиќ, а кое е чувано во руските архиви. По тој повод во Конакот на кнез Милош ќе се одржи изложба посветена на руско-српските односи“, вели извор за српски Курир.

Шефот на Кремљ во Белград доаѓа на прославата на 70 годишнина од ослободување на градот од фашистите, а за оваа пригода предвидена е и воена парада. Министерот за одбрана Братислав Гашиќ, за Курир вели дека на военото дефиле најверојатно ќе учествува и светски познатата руска акробатска група „Стрижи“, која лета со авиони „МИГ 29“.

„Би сакал како гости да ни дојде и групата „Стрижи“, тоа би било феноменално да се види покрај се што ќе покажат и српските пилоти кои се совршено обучени. Освен нив, никој друг нема да дојде, бидејќи ова е воена парада на Војската на Србија. Во случувањето ќе бидат вклучени 3.000 војници. На крајот од парадата ќе го покажеме сето она што го поседуваме од воена опрема, како беспилотни летала, ракетни системи. Се што може да се прикаже ќе биде прикажано“, додава Гашиќ.