Путин: Затворањето на границата со републиките на истокот од Украина ќе доведе до нова Сребреница

Рускиот претседателот Владимир Путин изјави во својот говор на дебатниот меѓународен форум на институтот Валдаи во Сочи дека затворањето на руската граница со самопрогласените републики на истокот од Украина би довело до ситуација слична на онаа во босанска Сребреница, и предупреди дека доколку САД го напуштат договорот за нуклеарниот арсенал тоа ќе го стори и Русија.

Доколку би била донесена одлука за затворање на руската граница кон Донбас, би следело крвопролевање што Русија не би го дозволила.

„Додека политичките прашања се нерешени, тие територии не уживаат посебен статус и закон за амнестија (содржано во Минскиот договор – з.р.), одлуката да се затвори границата меѓу Русија и непризнаените републики би довела до ситуација слична на онаа во којашто беше Сребреница. Би дошло до крвопролевање. Не можеме да дозволиме тоа да се случи“, рече рускиот претседател Владимир Путин.

За украинската криза ја обвини Европската унија и рече дека само европските земји може да ја променат таа ситуација. Притоа додаде дека Украина ги саботира сите точки од мировниот договор од Минск.

 

Москва премногу му веруваше на Западот

Најголемата грешка на Русија, истакна Путин, е што во последните петнаесет години премногу му верувала на Западот што е протолкувано како нејзина слабост.

На прашањето која е најголемата грешка на Москва во односите со Западот, Путин рече „Нашата најголемата грешка е што премногу ви верувавме. Ја интепретиравте нашето доверба како слабост и тоа го искористувавте“, му одговори рускиот челник на учесник на собирот пристигнат од Германија.

 

За непредвидливиот Трамп, Северна Кореја и Сирија

Зборувајќи за руско-американските односи, Путин истакна дека во САД се води неверојатна антируска кампања во којашто за секоја грешка во внатрешнополитичката сфера веднаш се обвинува Москва. Меѓутоа, изрази верба дека односите може да се поправат и дека двете земји може да соработуваат во поширок број области.

„Имаме дијалог на работно ниво и на ниво на посебните служби, министерствата за одбрана, министерствата за надворешни работи. Постигнуваме заеднички резултати. Треба да ја прошириме соработката и на другите подрачја“, истакна рускиот претседател.

Истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп некогаш го доживува како непредвидлив но дека тоа е поради тоа што неговите политички противници оневозможуваат да исполни многу од предизборните ветувања. Американскиот претседател има демократски мандат и треба да биде почитуван, смета Путин.

„Го избра американскиот народ и во најмала рака поради тоа мора да се почитува, дури и доколку не се согласувате со неговите ставови“, изјави Путин на форумот.

Путин, исто така, изрази сомневање дека евентуалниот американски превентивен удар врз Северна Кореја би го уништил целото оружје коешто го поседува Пјонгјанг, а што се однесува до Сирија стравува, како што рече, дека прогласените ткн „зони на деескалација“ може да доведат до поделба на земјата. Притоа изрази надеж дека тоа сепак нема да се случи.

 

Ако САД го напуштат ракетниот договор, и Русија ќе го стори истото

Русија ќе го почитува Договорот за забрана на ракетите со среден дострел, но доколку САД го напуштат тој договор, одговорот на Москва ќе биде брз и симетричен, порача Путин.

Москва, како што наведе, е подготвена да развива нови системи за вооружување, како нуклеарно така и ненукелрно, како одговор на другите земји коишто го прават истото.

Но Путин на форумот рече дека е можно да се постигне глобална забрана за нуклеарното оружје во иднината. „Целосното нуклеарно разоружување е можност којашто Русија би ја поздравила“, рече.

Путин предупреди дека новото прецизно оружје би можело да биде исто така разорно како и нуклеарното и наведе дека Русија работи на такво оружје.