Q: Единица мерка за демократија во Македонија? A: Еден Фрч!

Своевремено, во годините од владеењето на СДСМ во Македонија, еден мрачен период кој за среќа веќе е историја, се кажуваше една многу интересна шега. Таа гласеше вака:

Прашање: Која е единица мерка за демократија во Македонија?

Одговор: Еден Фрч!

Шегата одеше дотаму, што студентите на правниот факултет во Скопје, во тие години, велеа дека при полагање на испит кај професорот Фрчковски, ова прашање сигурно се паѓа.

Токму оваа шега беше реалната рефлексија на „демократското“ владеењето на СДСМ, чиј нераскинлив, но рака на срце многу токсичен дел беше и Љубомир Фрчковски.

Професорот си беше министер за внатешни работи, во чиј мандат се случи и атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров, потоа министер за надворешни работи, па еден од креаторите на Уставот, кој досега неколкупати беше менуван, па соучесник во создавањето на Охридскиот рамковен договор, па што ти уште не во оваа наша држава. Неможеше СДСМ да биде на власт, а тој да не лапне некоја функција. Без него ништо.

Е сега, во изминативе осум години, професорот нема функција. Се обиде да стане претседател, но изборите ги изгуби катастрофално. Вардар подобар резултат би остварил кога би играл со Реал Мадрид.

Но, затоа пак, преку своите колумни постојано, онака професорски, се обидува да го лаже и манипулира народот.

За него од 2006 година, па наваму, македонските граѓани целосно и по сите слоеви осиромашија, платите по сите основи им се помали, во земјава има недостаток на медиумска слобода (ако е така како тогаш тој пишува колумни и тие се објавуваат во СДСМ-овските медиуми?), изборите се украдени, власта е класична диктатура, а премиерот диктатор…

Податоци има. И од мрачниот негов сдсмовски период, и од сега.

Тие податоци велат дека платите во Македонија во последниве осум години се зголемени за 25 отсто, плус 5 отсто најавени за октомври, годинава. Стапката на невработеност изнесува 28,4 отсто, досега најмала сметајќи од осамостојувањето на земјава. Македонија има највисок раст на БДП во Европа во првиот квартал од годинава, и веќе во континуитет реализирање на странски инвестиции.

Аналогно на неговиот обид за манипулација и лажење, во негово време странска инвестиција во Македонија се сметаше ако некој наш иселеник дојде преку лето во земјава, и во кафана почасти свои пријатели. Толку.

А демократијата, ако може така да се нарече тогашното општествено уредување, на неговиот СДСМ, изгледаше отприлика вака:

Најголема стапка на невработеност во Европа, од фантастични 38 отсто и пад на БДП од минус 7,5 отсто во 1993 година. На пензионерите им исчезнаа само по осум отсто. Шверц на нафта, на цигари, прислушување на политички неистомисленици, трошење на државни пари за купување на коњи липицанери и за „Ray Ban“ очила, а народот тонеше во сиромаштија и во глад. Функционираше само една телевизија и два весника. Овие медиуми беа под директна уредувачка политика на власта. Имаше дузина локални телевизии, основани со пари од Фондацијата Сорос. Кога во деведесеттите се случија протестите во Ѓорче Петров, граѓаните беа крвнички тепани од полицијата. Слично беше и во Гостивар и во Мала Речица. Земјоделците наместо субвенции, добиваа ќотек со пендреци во Куклиш, во Радовиш, Плетвар… Спорот со Грција се рашаваше така што прво го СДСМ го смени знамето на Македонија, а потоа и името. Ја прифати срамната референца БЈРМ за влез во ООН, име кое и ден денеска го влечеме на нашите плеќи, насекаде низ светот. Секако сето ова беше пропратено со афери за скапи подароци во знак на добра воља за решавање на проблемот со името. Правниот систем беше исто така многу интересен. Во едно гласање во 1996 година, беа избрани најголем број судии. Во истата таа година, според статистика, приливот на странски деввизи во Македонија е дури 11,21 милиони евра. Економијата, пак, сон. Граѓаните се самоубиваа после аферите ТАТ, Лавци и останатите пирамидални штедилници. Со државни пари, МВР под палката на Фрчковски, го потресе милионската афера со ЗУС, за тендер за изработка на пасоши. Од депото на полицијата исчезнаа и 28 килограми кокаин. До ден денеска не се знае кој и како ја зел дрогата и каде ја однел.

Тоа беше „демократијата“ во Македонија под владеењето на СДСМ.

Е сега, дали изнесува еден Фрч или повеќе, граѓаните најдобро знаат.