„Queer.mk“: Срамно е тврдењето дека вршиме „хомосексуална пропаганда“ која таргетира 13-годишни деца

Порталот Queer.mk ги демантира информациите изнесени во текстот со наслов „Вечер“: Македонски хомосексуален сајт демне малолетници на Фејсбук, посочувајќи дека станува збор за срамно извртување на вистината.

Во продолжение ви го пренесуваме целосно нивниот демант:

Во него се тврди дека Queer.mk шири „хомосексуална пропаганда“ која тенденциозно таргетира 13-годишни деца и „навлекува“ и „заведува“ малолетници, инсинуирајќи педофилија.

Најостро ги отфрламе и осудуваме ваквите невистинити тврдења.

Queer.mk е интернет медиум во рамки на проектот „Промовирање и подигнување на свеста за ЛГБТ правата преку професионално, одговорно и етичко новинарство“ зад кој стои иницијативата Queer Macedonia на Здружение на граѓани за социјален и мултикултурен развој „Женска Алијанса“ – Скопје.

Нашите содржини ги споделуваме на социјалните мрежи, а некои од нив одат како „спонзорирани линкови“ на Facebook. Нашата таргет група при рекламирањето на Facebook се луѓето кои живеат во Република Македонија и имаат корисничка сметка на оваа социјална мрежа. А корисничка сметка на Facebook може да креира секое лице кое има навршено 13 години.

Според тоа, во случајот не станува збор за никакво „демнење малолетници“, како што пишува Вечер, небаре луѓето кои се ангажирани во редакцијата на квир магазинот се сексуални предатори. Тоа е груба лага, која има за цел да го наруши угледот на медиумот и луѓето кои работат во него, дополнително изложувајќи ги на потенцијално вербално и физичко насилство преку креирањето негативна слика за квир магазинот и ЛГБТ заедницата воопшто.

Овој спин на Вечер произлегува од иницијално објавената „конструкција“ на новинската агенција Инфомакс, која потоа ја пренесе и Пулс 24.

Согласно законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, демантот бараме да го објавите во целост, на истото место и во ист обем на вашата веб-страница, како и вашиотт напис на кој реагираме.

Исто така, бараме јавно извинување за изнесените невистини и нарушувањето на угледот на нашиот медиум и луѓето ангажирани во него.

Петар Стојковиќ, главен и одговорен уредник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.