петок, 26 мај 2017  |  Вести денес: 21

Работа со компјутер и основи на програмирањето догодина и во четврто одделение

ristovski

Последни вести

Предметот Работа со компјутер и основи на програмирањето, кој минатата година стана задолжителен во трето одделение, од учебната 2016/2017 година ќе биде задолжителен и во четврто одделение со два часа неделно.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска изјави дека МОН во соработка со Бирото за развој на образованието го започнало овој проект од учебната 2015/2016 година со цел да се развиваат информациско-комуникациските технологии и употребата на компјутерските вештини кај децата од нивната најрана возраст.

– Предметот првпат го воведовме кај учениците во трето одделение, со тоа што го надградивме по примерот на моделот преземен од Англија, со додатен елемент во делот на програмирањето. Одлични беа реакциите и резултатите од имплементацијата на овој пилот-проект кај учениците од трето одделение со два часа неделно. Токму поради тоа МОН и Бирото одлучивме следната учебна година проектот да продолжи, рече Ристовски.

Програмирањето е приспособено на возраста на учениците, пристапот е низ игра и развој на креативноста да им се овозможат основни познавања за оваа област која, како што рече, ја зголемува логиката и когнитивните способности и ќе им користи и за други предмети во повисоките одделенија. Ристовски посочи дека во првата (тековната) година од спроведувањето на проектот, биле обучени и ангажирани 1500 наставници кои, како што рече, исклучително квалитетно ги применувале новите наставни програми.

Нагласи дека ИКТ е тренд на модерното општество и затоа се посветува внимание учениците да бидат мотивирани уште од најрана возраст да почнат со техничко образование кое ќе го надградуваат во следните нивоа на образование.

– За што повеќе да се мотивираат да се определуваат за техничкото образование, за техничките факултети, затоа што она што значи развој на образованието и потребите на пазарот на трудот во иднина ќе бидат со се поголем интензитет потребите на техничкото образование. Така што, ова е еден систем на континуиран развој од најмала возраст до високо образование, додаде Ристовски.

Најчитани вести