Работата на полицијата под зајакната контрола

Проект за поддршка за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата ќе биде промовиран денеска во Скопје, кој ќе се реализира во период од пет месеци и се очекува да заврши до крајот на април годинава.

Проектот е финансиран од Советот на Европа и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и спроведуван од страна на Советот на Европа.

Целта на проектот е да обезбеди поддршка на националните власти во процесот на воспоставување на независен и ефикасен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата. Овој механизам е од суштинска важност за функционирањето на една демократска и одговорна полициска служба, која мора да биде способна да се справува со широкиот опсег наводи против полицијата на соодветен и пропорционален начин, во согласност со сериозноста на жалбата поднесена од жалителот и импликациите од истата во однос на засегнатиот полициски службеник.

Очекуван резултат на проектот е да се идентификува најсоодветниот модел на независен механизам за контрола на работата на полицијата, кој ќе биде презентиран пред пошироката стручна јавност и прифатен од страна на релевантните национални чинители и лицата кои ги донесуваат одлуките.

Поздравни обраќања на промоцијата, меѓудругите, треба да имаат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Кралството Холандија Ваутер Пломп.