Работилница за поголема компатибилност на образовниот систем со пазарот на труд

„Опсервација на вештини“ е базирана на позитивното искуство од неколку европски земји и преку неа ќе се креира приказ за корелацијата на работната сила која произлегува од средното и високото образование со потребите на пазарот на трудот, a станува збор за проект на Министерството за образование и наука поддржан од Светска банка кој ќе започне да функционира од оваа година.

Во „Опсервација на вештини“ ќе се вкрстат високообразовните институции, средните училишта, Агенцијата за вработување, Центарот за образование на возрасни и ФЗОМ. А преку оваа алатка ќе се добиваат детални информации за побарувачката и понудата на пазарот на трудот.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека податоците од акредитираните високообразовните институции, средните училишта, Агенцијата за вработување, Центарот за образование на возрасни и ФЗОМ ќе се вкрстуваат и обработуваат преку компјутерски софтвер и ќе се креираат информации за вработливоста по генерации, по одредена струка, за очекуваното време до работното ангажирање, за заработката по образовен профил и за можностите за вработување.

Анализите, односно приказите за корелацијата на образованието и пазарот на трудот ќе бидат јавно достапни и од исклучителна помош за идните средношколци и студенти при изборот на насоките. Тие ќе бидат значајни и за МОН и другите институции, затоа што ќе покажуваат што е она што треба да се промени во образовниот систем, во учебниците и во практичната настава, што во иднина треба да резултира со зголемување на вработеноста, истакна Ристовски.

Ристовски посочи дека дополнително Опсерваторијата на вештини периодично ќе прави и „трејсер студии“ кои подразбираат директно обезбедување на потребните информации од лицата за кои ќе се однесува конкретната анализа, преку пополнување на посебни прашалници формулирани исклучиво за оваа намена.