Работилница за слободен пристап до јавни информации во Град Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска во салата на Советот на Град Скопје ја отвори работилницата за правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. На работилницата присуствуваа и раководителот на Секторот за сигурност и поддршка на заедниците во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вјечислав Воробиев и заменик-претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Блерим Исеини.

– Одржувањето на денешната работилница во Град Скопје претставува на некој начин и своевидна потврда на генералните политики на Градот за целосна транспарентност во своето работење. Имено, транспарентноста и јавната партиципација на граѓаните се основните постулати врз кои почива водењето на сите тековни градски политики. Во реализацијата на стратегијата за јавно и транспарентно работење, Град Скопје подразбира активно користење на голем број комуникациски алатки, а целосно ги имплементира и одредбите од Законот за пристап до информациите од јавен карактер, изјави градоначалникот Трајановски.

На денешната еднодневна работилница учествуваа четирисетина ученици од скопските средни училишта во надлежност на Градот, студенти од УКИМ, професори, како и претставници од градската администрација.

Целта на работилницата беше учесниците да се информираат за одредбите од законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските на јавните институции да одговорат на барањата на граѓаните за слободен пристап до информациите.

Покрај запознавањето со законските одредби за правата и обврските од слободен пристап до информациите, студентите и средошколциите имаа можност да се запознаат со работењето на градската администрација, при што беа запознаени со нивната улога во носењето одлуки на локално ниво, како дел од кампањата за подигнување на свеста на граѓаните за отвореност и транспарентност на локалните власти. Учесниците на работилницата претходно беа примени во Кабинетот на Градоначалникот и во неколку сектори на Градската администрација.