Работилница за заштита на човековите права низ призмата на соработката на Народниот правобранител со медиумите

Во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (ТАИЕХ), а во соработка со Народниот правобранител денеска во Скопје, ќе се одржи работилница на тема „Заштитата на човековите слободи и права низ призмата на соработката на Народниот правобранител со медиумите“.

Работилницата ќе ја отворат народниот правобранител Иџет Мемети и Роберт Лидл од делегацијата на Европската унија во Македонија.

За „Соработката на Народниот правобранител со медиумите-основа за промоција на човековите слободи и права“ ќе зборува заменик народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа, а за „Односите со медиумите низ праксата на одделението за односи со јавност на Австрискиот омбудсман “ ќе говори Кристина Хајнтел, шеф на одделението за комуникации на Омбудсманот на Австрија.

На тема „Слободата на медиумите, пренесување на вестите, тенка линија меѓу слободата на изразување и прекршување на човековите слободи и права“ свое обраќање ќе има Сандра Бартоловиќ новинар од Хрватска, а за „Таблодизацијата на медиумите и нивната регулација“ ќе говори Мирче Адамчевски претседател ма Советот за етика на медиумите.