Работна посета на Никола Попоски на Словачката Република

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, утре на покана на словачкиот заменик премиер и министер за надворешни и европски работи, Мирослав Лајчак. ќе оствари еднодневна посета на Словачката Република,

Министрите Попоски и Лајчак ќе разговораат за можностите за натамошно унапредување на односите и соработката меѓу Македонија и Словачка како и перспективите на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО. Најважните меѓународни  прашања, состојбите во Регионот и можностите за продлабочување на соработката меѓу државите од нашиот Регион и Вишеградската Група ќе се најдат исто така на агендата за разговори.

Министерот Никола Попоски ќе оствари средби и со комисиите за надворешни работи и за европски прашања во словачкиот Парламент.  Предвидено е исто така, излагање на министерот во Словачкото здружение за надворешна политика, на тема “Република Македонија на патот кон ЕУ“, како и интервју за словачкиот дневен весник “Правда“.

За време на посетата ќе биде потпишан и Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Словачката Република.