Работна средба на Беличанец Алексиќ со жителите на 11 Октомври згради и Цветан Димов

Средба со жителите на урбаните заедници 11 Октомври згради и Цветан Димов, синоќа оствари градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ и тимот составен од раководителите на стручните служби од општината, претставник од ЈП “Водовод и канализација” и од Полициската Станица од Општа Надлежност- Кисела Вода, кои имаат надлежност да ги решаваат најчестите проблеми на граѓаните.

Овие работни средби кои редовно се одвиваат по неколку пати во годината, имаат за цел да им дадат можност на граѓаните изворно да се информираат за проектите кои се веќе реализирани и кои ќе се реализираат на територијата на нивната месна или урбана заедница, но истовремено и можност и тие да дадат идеи и сугестии за подобрување на работата на локалната самоуправа во сервисирање на комуналните проблеми. Ова пак, е мошне значајно, бидејќи токму во моментов општина Кисела Вода ја изготвува програмата и го дефинира буџетот за 2017 година.

Жителите на 11 Октомври згради изразија задоволство заради новоизградениот објект на ООУ “Невена Георгиева Дуња” и одличните услови во кои сега ја следат наставата нивните дечиња. Заеднички се дискутираше околу повеќе прашања од областа на комуналната инфраструктура, уредувањето на просторот, околу несовесноста кај некои граѓани и создавањето на диви депонии кои општината ги чисти и по неколку пати во годината…

На слични теми се дискутираше и во урбаната заедница Цветан Димов. Покрај другото, на вечерашната средба, жителите од овој дел на општината акцентот го ставија врз лошите услови во кои се наоѓаат недоизградените згради кои ги градеа “РАБА” и “ФИКОМ”.

belicanec-aleksik

Освен што го нарушуваат ликот на овој дел од општината, зградата на “РАБА” е и собиралиште на наркомани и бездомници, додека едната од двете згради на “ФИКОМ” полека се распаѓа, а објектот нема ни обезбедување.

Од страна на градоначалникот на општината беа информирани дека општината, за жал, нема ингеренции и не смее да реагира на овие локации, бидејќи се работи за приватен имот за кој се уште тече судски процес.

Од претставниците на ПСОН Кисела Вода кои беа дел од денешниот состанок, градоначалникот веднаш побара засилена контрола во овој дел на општината со цел да се зголеми безбедноста на жителите.

Циклусот на средби со граѓани продолжува со посетата на урбаните заедници Припор и Расадник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.