Работна средба во МИОА за постојните законски и подзаконски решенија

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска заедно со стручен тим на МИОА денеска одржаа работна средба со директорите на Државниот управен инспекторат Ромео Деребан, Агенцијата за администрација Жаклина Николовска, на Ј.П. Македонска радиодифузија Јулијана Спировска и на МАРНЕТ Игор Мирчески.

На работната средба , како што информираат од Министерството, учествуваа и Ирена Брзанова, претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Симона Лескароска заменик-претседател на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, како и Влатко Илиевски и Воислав Димитровски од Инспекцискиот совет.

Тема на состанокот беше работата на овие органи и практичната имплементација на законските и подзаконските акти за кои е надлежно Министерството за информатичко општество и администрација.

Состанокот се одвиваше во конструктивна атмосфера при што беше отворена можноста учесниците да испраќаат свои предлози во насока на подобрување на постојните законски и подзаконски текстови. Учесниците исто така разменија мислења и ги претставија плановите за нивната работа на краткорочен и долгорочен план, а беа разгледани и начините со кои Министерството би можело да им помогне во реализацијата на нивните проекти.