Работнички го освои Купот на Македонија

Екипата на Работнички е победник на 23. издание од кошаркарскиот Куп на Македонија, откако синоќа во финалето во СЦ „Јане Сандански“ го совлада Кожув со 74:66.

Работнички победата ја обезбеди со одлична игра во третата четвртина кога создаде предност од 15 разлика. Кожув одигра добро прво полувреме кое го доби со 34:32, но падот во играта во третиот период го чинеше пораз.

Ѓорѓи Чековски со 18 поени, 6 асистенции, 5 скокови, 2 украдени топки и 1 блокада беше најефикасен во тимот на Работнички, а по натпреварот го доби и признанието за МВП на финалето.

cekovski-500

Покрај Чековски, впечатлив меч одиграа и Павковиќ со 16 поени (4 тројки), Соколов со 12 поени, Гечевски кој на деветте поени додаде 11 скокови, како и Мираковски и Димчевски.

Кај Кожув, Слободан Божовиќ реализираше дабл-дабл од 11 поени и 11 скокови, а двоцифрени беа и Јанушевиќ со 15 поени, односно Дунџерски кој додаде 13 поени. Недостасуваа поените на капитенот Миладин Пековиќ, кој беше човек на одлука во полуфиналниот меч против МЗТ.

Тимот од „Градски парк“ останува најтрофеен во купот со девет победи. Домаќинот на годинашното издание МЗТ Скопје Аеродром има седум трофеи, по два пати на трофејот се радуваа Никол Ферт и Фени Индустри, а по еднаш го освојуваа и Вардар Осигурување, Деликатес Кочани и Амак СП.