Работнички не се плаши од Хелсинки

Македонскиот фудбалски шампион Работнички вечерва во 20 часот на Арената „Филип Втори“ во Скопје ќе го пречека финскиот шампион Хелсинки во првиот од двата меѓусебни натправара во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Тренерот на “романтичарите” Игор Ангеловски, истакна дека го респектираат ама не се плашат од противникот.
“Хелсинки е тим со доста искусни фудбалери кои имаат премиерлигашко искуство, а исто така поседуваат и млади квалитетни фудбалери кои дефинитивно ќе дадат се од себе за да ни направат проблем. Ги респектираме, но не се плашиме од нив. И ние имаме свои адути и мислам дека можеме да поминеме во следното коло. Посакувам со победа без примен гол да одиме на реваншот во Финска”, истакна Ангеловски.
Капитенот на Работнички Благоја Тодоровски се надева на добра игра и остварување на позитивен резултат пред реваншот.
“Ја анализиравме играта на Хелсинки. Ги видовме нивните добри и лоши страни. Ако го дадеме максимумот се надевам на победа”, рече Тодоровски.