Работнички се сели во Втората лига

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички, од следната сезона ќе настапува во понизок ранг на натпреварување, односно во Втората лига.

Причината за преселбата на Работнички во Втората лига, е денешната одлука на Комисијата за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација (МКФ), која со службен резултат 0:20 го регистрира неодиграниот меч од 2.коло во Супер лигата меѓу Работнички и Карпош Соколи,  кој требаше да се игра во саботата.

За Работнички, ова е втор пат сезонава да загуби меч со службен резултат откако претходно тоа се случи во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром.

Од таборот на Работнички воопшто не се изненадени од одлуката на Натпреварувачката комисија при МКФ, ниту, пак, се исплашени од ваквиот развој на настаните бидејќи се уверени дека аргументите се на нивна страна.

Покрај овој меч и дуелот меѓу Куманово и Кожув од иста причина (неодигран) е регистриран со службен резултат за гевгелиската екипа. Кумановци, сега ја исчекуваат одлуката на Арбитражната комисија по нивната жалба во однос на мечот од 1.коло против Карпош Соколи. Доколку, жалбата биде одбиена, тогаш и кумановци се соочуваат со истата судбина на Работнички.