Работнички – Вардар: Дерби за сите вкусови

Работнички е актуелен шампион на Македонија, а Вардар моментно е лидер на табелата и најсериозен кандидат за освојување на титулата во новата сезона. Но, ако се присетиме, така беше и минатата сезона, па тогаш „романтичарите“ го поразија составот на Андреев и му ги урнаа надежите дека може да стигне до висок пласман.

Во меѓувреме, „вардарци“ со новиот сопственик потрошија илјадници евра на реновирање на тимот, се очекува да пристигне и Горан Попов, со што сумата потрошена за реконструкција на тимот ќе биде уште поголема. Иако го чуваат првото место, се чини дека дуелот со Работнички ќе им биде првиот сериозен испит дали и колку ќе се задржат на истото.

„Не очекува дерби натпревар со шампионот на Македонија. Го ценам противникот, но одиме на победа бидејќи мислам дека сме поквалитетна екипа од Работнички. Верувам во својот тим, а фудбалерите се силно мотивирани за дербито“, најавува тренерот на Вардар, Сергеј Андреев.

Работнички е во серија од две победи едноподруго, и тоа исполнети со многу голови. На домашен терен ја совлада Шкендија со 3-2, а потоа извлече триумф и во Штип против Брегалница (1-2). Тоа ја зголеми мотивацијата кај „романтичарите“ и пред соседското дерби.

„Вардар е фаворит, има квалитетен тим, но така беше и минатите сезони, па Работнички знаеше да победи. Верувам во своите фудбалери, максимално сме мотивирани и фокусирани и се надевам на поволен резултат“, истакнува тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.

Соседското дерби стартува од 15.30 часот на арената „Филип Втори“, а денеска во овој термин ќе се игра и мечот меѓу Ренова и Хоризонт Турново.