Работниците сами ќе одлучуваат кога во пензија, а за хонорарците задолжително осигурување

Значително зголемување на работничките права донесуваат новите законски измени кои беа усвоени на денешната Владина седница. Со нив на работниците им се дава право на избор при старосната граница, осносно да можат да го продолжат работниот однос по навршување на старосната граница од 64 односно 62 години, за максимум три години. А за работниците кои работат со договор на дело или авторски догвор се предвидува задолжително здравствено и пензинско осигурување.

„ Согласно Законот за работни односи и досега постоеше таква можност, работниците да продолжат со работа уште една година, но со дозвола од работодавачот. Со новите измени мажите ќе можат да одлучат дали ќе одат во пензија на 64, 65, 66 или 67 години старост, додека жените ќе можат да изберат дали да одат во пензија на 62, 63, 64 или 65 годишна возраст, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Односно на овој начин, одлуката за пензионирање се пренесува од работодавачите на работниците, кои од сега па натаму сами ќе можат да одберат дали нормално ќе се пензионираат или ќе го продолжат својот работен век за една, две или три години.

Сите заинтересирани кои сакаат да го продолжат работниот стаж по навршување на старосната граница ќе треба најдоцна до 31 август во тековната година да се изјаснат дали сакаат да го сторат тоа.

„Доколку работодавачот не постапи по писмената изјава на работникот се предвидуваат парични глоби во износ од 2 до 3 илјади евра, а доколку при утврдената неправилност и укажување од Инспекторатот во рок од седум дена да не се продолжи договорот се предвидува глоба во износ од 6 до 7 илјади евра“, рече министерот Диме Спасов.

Владата на денешната седница донесе и измени со кои за работниците кои работат со договор на дело или авторски договор работодавачот ќе мора да плаќа придонеси за пензиско и здравствено осигурување доколку тие остваруваат примања поголеми од минималната плата.

„ Досега работодавачите на овие категории на работници им плаќаа само персонален данок без здравствено и пензиско осигурување. Отсега па натаму, по усвојување на Законот во Собранието, работодавачите ќе имаат обврска да им плаќаат здравствено и пензиско осигурување, истакна Ставрески кој додаде дека на овој начин се поттикнува засновување на редовен работен однос и граѓаните се интегрираат во систем.

Вицепремиерот Ставрески очекува новите мерки да придонесат за намалување на невработеноста и сузбивање на сивата економија, бидејќи, како што кажа, работодавачите ќе бидат заинтересирани да склучат договори за работа со лицата кои досега работеле со авторски договор или договор на дело.

За овие измени, како што нагласи Ставрески, било разговарано и со синдикатите и со работодавачите и истите позитивно ги оцениле.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека на овој начин работникот ќе биде дополнително заштитен и значително ќе се влијае на намалувањето на сивата економија во Македонија.

Целта на измената на сите пет законски решенија, како што нагалси министерот за економија Беким Незири, е да се заштитат интересите на работниците во различните институции.

„Со мерките што ги предложивме сметаме дека Владата им излегува во пресрет на работниците и им овозможуваме сами за себе да решаваат кога ќе одат во пензија. Во минатото за сите лица кои работеа со авторски договори и договори на дело, работодавачот неправедно неплаќаше придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Сега законски им овозможуваме и на тие лица да добијат статус на правно лице во субјектот каде работат. Цениме дека ова позитивно ќе влијае врз економскиот развој и раст во државата, а на краткорочен рок Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе биде постабилен“, рече Незири.