„Работнички“ домаќин на „МЗТ“ во Гостивар

Најголемото кошаркарско дерби во Македонија помеѓу „Работнички“ и „МЗТ Скопје“ вчера не се одигра во салата „Градски Парк“ поради неисправност на семафорите за напад и е презакажано за денеска во Гостивар со почеток во 19 часот.

Екипата од Центар мораше да најде ново место за одигрување на мечот во рок од 24 часа, бидејќи во спротивно ќе го загубеа натпреварот со службен резултат.  Откако не можеа да бидат поправени семаорите во „Градски парк“, отпадна и можноста дербито да се игра во „Борис Трајковски“ поради зафатеност на салата, управата на најтрофејниот македонски тим реши натпреварот со лутиот ривал да го одигра во Гостивар. Според информациите натпреварот ќе се игра без присуство на публика.
Разочарани сме што дербито е преселено дури во Гостивар и ќе се игра во термин во кој нема да може да се емитува телевизиски пренос, а воедно и „Работнички“ како домаќин нема да обезбеди интернет-стриминг за гледачите. Се прашуваме чија агенда одработува „Работнички“? Со носењето на одлука дербито да се игра во Гостивар, се губи жарот и убавината на дербито, губат сите вистински љубители на кошарката- изјавија од МКФ.

Во врска со дербито имаше и реакција од МТВ од каде рекоа дека не сакаат да бидат вмешани во перфидни игри бидејќи на „Работнички“ му биле понудени термини за 17:45 и 20:15 часот, но не ги прифатиле.

Ниту еднаш досега КК Работнички се нема пожалено за условите во кои нашите кошаркари играат низ салите во Македонија, но секогаш кога треба да се игра градското дерби во Парк, се наоѓаат милион причини за тоа да не се случи. Зошто? Како нашата сала има услови да ги пречека сите кошаркарски екипи од Македонската лига, а ги нема кога станува збор за „МЗТ Скопје“? Зошто постојано се прави притисок, без недоволно правни причини, да се затвори нашиот храм на кошарката, а во исто време, салите во другите градови немаат соодветни услови за игра? Прашуваме, постојат ли двојни стандарди за КК Работнички и салата „Градски парк“? Постојат ли двојни стандарди кога игра МЗТ Скопје Аеродром наспроти останатите клубови во лигата, стои во соопштението на „Работнички“.