Работнички и МЗТ ќе доигруваат пред празни трибини

Кошаркарското дерби меѓу „Работнички“ и „МЗТ Скопје“ беше прекинато поради серија инциденти во салата „Градски Парк“, во кои за среќа немаше повредени. На 3:18 минути пред крајот на третата четвртина, при резултат 62:50 за домаќините официјалните лица проценија дека вечното дерби треба да биде прекинато.

Во предвидениот временски рок не се создадоа услови за игра, односно организаторот не обезбеди гаранции дека ќе биде испразнет делот од трибината на која беа сместени околу 200 гледачи симпатизери на „МЗТ Скопје, па е одлучено дуелот да се прекине. Пред прекинот на теренот беа фрлани шишиња, играчите и судиите беа плукани, а влезе и навивач на теренот.Првиот прекин се случи во првата минута кога навивалите фрлија хартиени ленти на теренот.
Продолжение на мечот е закажано за утре во 18 часот, но пред празни трибини.

Тренерите на двете екипи беа видно разочарани од „исходот“ на натпреварот.

Марин Докузовски смета дека прекинот на денешниот дуел не оди во полза на Работнички, со оглед на фактот дека „црвено-белите“ имаа целосна контрола на резултатот.

-Мислам дека објективно ние сме во полоша ситуација затоа што имавме и игра и резултат, водевме цело време и го контролиравме натпреварот, а сега треба да продолжиме утре. Не знам како ќе заврши, искрено кажано се загуби и меракот. По подолго време видовме полна сала, убава игра од двете екипи… јас и пред дербито кажав дека овој дуел не одлучува нешто специјално, но жалам што во ваква убава атмосфера не заврши до крај-изјави тренерот на Работнички.

Тренерот на „МЗТ Скопје“, Жељко Лукаиќ со слично размислување.

– Зошто да расипуваме нешто што е феноменално и што може да го подигне нивото? Зарем ова за децата е пример? Мислам дека сите треба да поработиме да бидеме вистински спортски ривали. Меѓу играчите немаше инциденти, кога се случуваше нешто грубо секој се извинуваше. Не разбирам зошто се случи таков набој, во кој некој може да настрада. Се даде лоша слика, сите го видоа ова на телевизија- истакна Лукајиќ.