Работнички на голема врата се враќа во ракометната Суперлига

Вардар нема да биде осамен со својот квалитет во македонскиот ракомет, зашто по тонењето на Металург, во Скопје се раѓа нов гигант – екипата на Работнички.

Како што пишува порталот Спортмедиа, тимот од скопската населба Дебар Маало годинава по вторпат во историјата ќе игра во Суперлигата, а веќе во кулоарите се наслушнуваат имињата кои се договорени да го носат црвениот дрес во новата сезона.

Практично, речиси цела македонска репрезентација се сели во екипата на Работнички – Наумче Мојсоски, кој се враќа од Катар, брат му Златко доаѓа од Прилеп, ќе има уште еден братски тандем – Велко и Никола Маркоски, а во тимот ќе биде и сега веќе пензионираниот од националниот дрес, Ванчо Димовски.

Двете бомби за кои се шпекулира дека се пред потпис, а кои многу ќе ја раздрмаат скопската ракометна почва се ни повеќе ни помалку – Ренато Вугринец и Дарко Станиќ. Првиот се враќа од Катар, каде што играше со Мојсоски во Лахвија, а вториот имаше потпишано преддоговор со Рајн Некар Ловен, но во своите последни јавни настапи говореше дека тоа не е завршена работа. И тој последните два месеци од минатата сезона играше во Кувајт, откако од Металург замина за германскиот Битигхајм.

Според Спортмедиа, стручниот штаб би требало да го води Андон Бошковски, кој во кариерата беше помошник на тренерите и во Металург и во Вардар, каде што едно време беше и прв тренер.

Засега не се откриваат луѓето кои ќе го финансираат овој голем проект, но се шпекулира дека тоа се неколку стопанственици кои и во минатото биле и тоа како големи инвеститори во спортот. Најавена е презентација на целиот проект в понеделник, на специјална прес-конференција.