„Работнички“ направи брејк во „Јане Сандански“

„Работнички“ се наоѓа на чекор до шампионска титула откако како гостин славеше на жешкиот терен во Аеродром со минимални 75:76 за водство во серијата од 2:о, па во петок ќе може да ја слави својата 15 титула ако победи во салата „Градски Парк“.

„МЗТ Скопје“ имаше добиен меч, водство од 75:74 и последен напад, но домаќините прокоцкаа златна шанса, па на крајот Гинјард со двете слободни флања на 1,2 секунди до крајот донесе огромна победа за гостите.

Кошаркарите на двете екипи во текот на двете први четвртини се менуваа во водство со мини серии, за да „МЗТ“ на полувреме замине со предност од 37:36. Натпреварот беше прекинат десетина минути откако поради кондензација се направија вирови во неколку делови од салата.

Во последната четвртина се влезе со нерешен резултат 62:62, како и во самиот финиш кога „Работнички“ преку Кочов на сто секунди до крајот поведе со 70:73, а Трајковски во следниот напад намали на 72:73. Чековски потоа погоди само едно слободно фрлање за два поени разлика за „Работнички“, а Бојан Трајковски со тројка на 25 секунди до крајот донесе предност за „МЗТ“ од 75:74.  Но и тоа на крајот не беше доволна за победа, бидејки откако на Дамјан Стојановски му испадна топката  „Работнички“ тргна во напад по кој со две погодени слободни фрлања на Гинјард славеше победа од 75:76.

Најдобар кај победникот беше Робинсон со 22 поени, а го следеше Чавдар Костов со 18 поени, додека Гинјард беше стрелец на 11 поени. Кај „МЗТ“ Бојан Трајковски беше лидер со 20 поени.

Денешниот натпревар помина без гостински навивачи, откако приврзаниците на „Работнички“ останаа достојни на најавите дека нема да дојдат во СЦ „Јане Сандански“, иако управата на „МЗТ“ соопшти дека вратите на салата ќе бидат отворени за навивачите на двете екипи. Сепак,  фановите на „Работнички“ најавија дека нема да дојдат во Аеродром во знак на поддршка за својот клуб, кој во изминатите денови преку соопштенија беше напаѓан од страна на „металците“.