Работнички заслужено казнет – два меча ќе игра без публика

Ова значи дека избраниците на тренерот Марин Докузовски нема да може да сметаат на поддршката од трибините на дуелите против Кожув (28 ноември) и Фени Индустри (12 декември), но истовремено значи дека гевгеличани и кавадарчани нема да бидат изложени на плукање од трибините, нешто што, за жал, станува редовна појава на средбите на 14-кратниот шампион.

Истовремено, центарци добија и парична казна од вкупно 67.000 денари од која 40.000 се за фрлањето тврди предмети, со по 10.000 денари е санкцинирано плукањето и националистичкото навивање на домашните фанови, 5.000 денари чини неспортското навивање, а 2.000 денари слабата редарска служба.

На неколку наврати имаше плукање на судиите од страна на навивачката група на Работнички при што е опомената публиката, а на неколку наврати упатени тврди предмети кон теренот за игра од страна на домашната навивачка група.

За време на прекинот помеѓу третата и четвртата четвртина се случи пауза од 38 минути, бидејќи тренерот на гостинската екипа бил плукнат од навивачите кои беа сместени над клупата на гостинската екипа. Во моментите кога требало да започне последниот период, од страна каде беше сместена навивачката група на домашната екипа долета тврд предмет (монета) при што бил удрен тренерот на гостите.

Додека траел прекинот, делегатот без судиите се повлекол кон соблекувалните каде што бил тренерот на гостите, кому во тие моменти му се укажувала лекарска помош поради оток под окото. Откако се вратил на теренот, делегатот на првиот судија му ја пренесол констатацијата дека е повреден тренерот на гостите и дека треба да донесат одлука што понатаму. Судијата на тоа одговорил дека натпреварот мора да се одигра и истиот не е за да се повлечат од теренот за да не створеле поголема тензија. Откако се створиле минимални услови кои биле побарани во тие моменти, гостите усмено се сложиле дека ќе продолжат со натпреварот.

Натпреварот организиран со низа на пропусти т.е. недоволен број на редарска служба иако домашната екипа имала најава дека на натпреварот ќе присуствува и гостинската навивачка група. Забелешка дека во иднина при организација на натпревар на истите екипи требало да се обезбеди и поголем број на припадници на МВР од специјалните единици поради тензичноста на случувањата од страна на навивачките групи, се вели во извештајот на делегатот на средбата помеѓу Работнички и Куманово.

Комесарот Угринов истовремено му наложи на тимот од “Градски парк” во иднина да не дозволи “присуство на гледачи на делот од трибината која се наоѓа над клупата на гостинската екипа (се однесува на целокупниот дел од трибината над клупата на гостинската екипа)“, како и да “постави заштитна ограда по целата должина (по можност од плексиглас) на трибината – гледано кон десно од записничката маса“.

По неделниот меч, управата на Работнички поднела дисциплинска пријава против тренерот на Куманово, која веднаш била проследена до Дисциплинската комисија при Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а за која дополнително ќе се одлучува.

Извор: Спортмедиа.мк