Работните групи усогласија измена на Законот за медиуми за насилство врв новинарите

Во Законот за медиуми ќе биде вметнат член кој се однесува на насилство врз новинарите. Ова е прв усогласен член кој се очекува да стане дел од Законот, кој дошол како предлог на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на разговорите за медиумите на Работните групи што се одвиваат во Клубот на пратениците, пренесува МИА.

По членот 8 во Законот ќе се додаде нова глава која гласи: Заштита на новинар.

Членот 8 – а гласи:

(1) Секој новинар мора да биде заштитен од физички закани или напади.

(2) Кога постојат сериозни индиции дека на новинар може да му биде загрозена неговата безбедност, треба да му биде обезбедена полициска заштита.

(3) Јавното обвинителство и судовите во Република Македонија навремено и соодветно постапуваат во случаите кога новинар добил физички закани или бил физички нападнат.

Разговорите на претставниците на четирите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА за медиумите продолжуваат и денеска во Клубот на пратениците.

Посредникот во разговорите Питер Ванхауте пред почетокот на средбата рече дека очекува до крајот на следната недела да бидат донесени соодветните измени на законите кои се однесуваат на медиумската сфера и со тоа да завршат разговорите за овој дел од Договорот во Пржино.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.