Работните групи продолжија со работа попладнево

Работните групи продолжуваат со работа.  Средбите на ниво на работни групи продолжија доцна попладнево во Клубот на пратениците, а на маса се отворените прашања од договорот во Пржино.

Претставниците на четирите политички партии ќе разговараат  за законите за влада, за т.н. „свиркачи“ и за прислушуваните материјали.

Медијаторот во работните групи, Питер Ванхауте пред почетокот на средбата изјави дека нема прогнози дали вечерашните преговори ќе бидат поуспешни од синоќешните. За законот за прислушуваните материјали  белгискиот посредник рече дека очекува да биде во согласност со европските стандарди.

Законите може да ги усвоите само ако имате амбиција да бидете членка на ЕУ еден ден, а таа амбиција може да ја имате само ако сте согласни дека тие ќе бидат усогласени со европските стандарди. Тоа треба да го одлучи работната група во наредните денови, рече медијаторот Ванхауте, пренесува МИА.

Ванхауте изрази надеж дека вечерашните разговори нема да траат долго во ноќта затоа што, како што кажа, тоа е многу исцрпувачко за сите.

Во разговорите учествуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Средбата следи откако лидерите на четирите партии не успеаја да се усогласат по однос на точките од договорот од Пржино од 2 јуни и 15 јули, на разговорите вчера во резиденцијата на ЕУ кои траеја до раните утрински часови, и покрај медијацијата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.