Работодавците ќе мораат да плаќаат придонеси и за хонорарците

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) ги објави деталите според кои од јануари 2015 година ќе се уплаќаат придонеси за хонорарите и авторските договори.

Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи ќе земаат 35 отсто од секоја уплата. Давачки ќе бидат задолжителни за сите хонорари над минималната плата, која за следната година е проектирана на 9.500 денари. Исклучок ќе бидат хонорарите што ќе ги земаат јавните функционери, пратениците, советниците, врвните спортисти и судиите, пишува  Вест.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека примањата на професионалните спортисти (премии, трансфери) не се договори за интелектуална или физичка работа и за нив нема да се плаќаат придонеси.

„За примањата на избрани и именувани лица, исто така, нема да се плаќаат придонеси, затоа што станува збор за именувани или избрани лица кои по основ на таа функција остваруваат надомест. На пример, постојат институции во кои тие лица не примаат плата, туку надомест за вршење на функција. За надоместок за судиите, поротниците, вештите лица и стечајните управници, исто така, нема да се плаќа, затоа што тоа се надоместоци во рамките на вршење на професијата”, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Придонеси нема да се плаќаат и на хонорарите што ги добиваат волонтерите, пензионерите како и оние што имаат договори за јавна работа, кои ги склучуваат единиците на локалната самоуправа со корисниците на социјална парична помош.
Придонесите за хонорарците ги плаќаа работодавецот. Во случај кога некој има повеќе договори под минималната плата, но нивниот збирен износ е поголем од 9.500 денари, тогаш тој самиот треба да си ги плати давачките.