До пронаоѓање ангажман во странство, Раде Стојановиќ ќе ги брани боите на Борец

До пронаоѓање на евентуален ангажман во странство, Раде Стојановиќ ќе ги брани боите на новиот ракометен прволигаш од Велес, Борец

Екипата на Борец се врати во ракометната Суперлига со амбиции да остане што подолго таму, иако веројатно задачата ќе биде потешко од замислите поради високиот квалитет на сите конкуренти. Во Велес не дојдоа странски засилувања, а најзвучно засилување е Раде Стојановиќ.

Поранешниот репрезентативец на Македонија од вчера тренира со велешката екипа и ќе го почне првенствово во дресот на Борец, меѓутоа со услов. Ако најде ангажман во странство ќе го прифати тој, бидејќи тоа беше неговата намера уште од почетокот на преодниот рок. Стојановиќ минатата сезона ја помина во Металург, а претходно играше и во Макс Струмица, тогашен Зомимак.

Доаѓа откако од Борец си замина Горјан Анастасовски и се врати во Ливри Гаргам, во француската трета лига. Тој треба да ја преземе лидерската улога, или барем да му помогне на десниот бек Ивица Лазаревски, кој досега е носителот на играта на Борец.

Покрај Стојановиќ, новиот суперлигаш се засили и со Александар Стојановски, досегашниот голман на Макс Струмица и младиот Огнен Трајковски, исто така голман, од Пролет. Треба да ги потврди и трансферите на пикерот Дарко Јанев и десното крило Ѓорѓи Кутиновски, со што би го затворил кругот на играчи.

Целта е да се остане во елитата, а колку ќе биде тешко покажуваат и досегашните три пријателски меча во кои Борец загуби, двапати од Радовиш и еднаш од Прилеп. Единствениот меч кој го добија беше контролниот против РК Врање. Сезоната за велешани почнува в недела, во 18 часот и тоа со поволен распоред, против Металург 2 во салата „Гемиџии“. Од клубот велат дека веќе има продадено доста од блок-билетите кои ги понудија, што говори за интересот на публиката за ракомет во Велес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.