Радош Вукиќевиќ нов генерален директор на ВВ „Тиквеш“

Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ го именува Радош Вукиќевиќ за нов генерален директор на компанијата, кој стапува на функцијата од 03.07.2017 година.

Радош Вукиќевиќ е искусен професионалец кој одлично ја познава винската индустрија и самиот „Тиквеш“, со оглед на тоа што од почетокот на 2010 до средината на 2013 година беше менаџер за маркетинг и односи со јавност во компанијата.

Во својата досегашна кариера, Вукиќевиќ работел и на други одговорни позиции, како претставник на компанијата „Кока-Кола“ (The Coca-Cola Company) за Македонија, како и регионален менаџер за продажба и директор на сектор за управување со ланецот за набавки и логистика во компанијата „Алкалоид“, каде стекнал драгоцени искуства и вештини од областа на менаџментот, продажбата и развојот на нови пазари. Во изминатите четири години ја извршуваше функцијата економски промотор на Република Македонија со седиште во Софија, одговорен за пазарите на Бугарија и Србија.

Тимот на ВВ „Тиквеш“, дополнет со искусен професионалец каков што е Радош Вукиќевиќ, ќе продолжи со остварување на зацртаната стратегијата на „Тиквеш“ за долгорочен одржлив развој преку континуирани вложувања во технологија, во иновации и производство на автентични, висококвалитетни вина и нивен пробив на светските вински пазари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.