Рахој ги отфрли сите предлози за посредување, Пучдемон има пет дена да одговори

Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги отфрли во средата различните понуди за поседување меѓу централната влада во Мадрид и покраинската во Каталонија за да се изнајде решение за најтешката криза во поновата историја на земјата, бидејќи смета дека нема место за медијаторство меѓу законот и непочитувањето на законот, а на каталонскиот претседател Карлес Пучдемон му даде пет дена рок да одговори дали прогласил независност на автономниот регион.

„Посредувањето не е возможно меѓу демократскиот закон и непослушноста, незаконитоста“, изјави премиерот Маријано Рахој кој ја води конзервативната влада на Шпанија обраќајќи им се на пратениците во парламентот во понеделникот приврзаниците за отцепувањето на Каталонија ја потпишаа декларацијата за независност, но каталонскиот претседател Карлес Пучдемон ја суспендираше веднаш за да изнајде решение со Мадрид.

Во получасовниот говор Рахој ги обвини каталонските поборници на независноста дека „раскажуваат бајки“, скршнуваа кон „радикалност, оглушување и хаос досега невиден во поновата историја“ на Шпанија.

„Во рацете на Пучдемон е моќта да ги врати работите во законската рамка“, порача Рахој и на своите политички противници им ја припиша одговорноста за сите зла коишто ја погаѓаат Каталонија, североисточната покраина на Шпанија поделена меѓу приврзаниците на независноста и оние кои сакаат останува во составот на Шпанија.

Претходно шпанската влада му даде на каталонскиот челник рок од пет дена да разјасни дали прогласил независнсот на Каталонија или не, пренесе шпанската новинска агенција EFE.

Доколку Пучдемон потврди дека прогласил независност, ќе добие уште дополнителни три дена да го повлече тоа. Доколку не го стори тоа, ќе биде покренат членот 155 од шпанскиот устав врз основа на кој шпанската централна влада може да ја укине каталонската политичка автономија и да го преземе управувањето со покраината.

Шпанскиот премиер Рахој во кусото телевизиско обраќање во средата околу пладнето изјави дека е „многу важно Пучдемон да им објасни на останатите Шпанци дали вчера прогласи независност или не“ и го предупреди каталонскиот челник дека Мадрид би можел да го активира споменатиот член 155.

По ова предупредување од Рахој, опозициската левица испрати лавина критики порачувајќи му дека треба да посегне по политички предлози за да ја реши кризата. Левицата го обвинува Маријано Рахој дека е директно одговорен за каталонската криза, бидејќи на поттик на неговата Народна партија (PP) во 2010 година делумно е укинат Статутот за автономија на Каталонија.

Под притисоците на сите страни, вклучително и од челниците на Европската унија, претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон, во вторникот вечерта кога вети дека оваа шпанска покраина ќе ја претвори во независна република, истовремено го одложи спроведувањето на одлуката за самостојност што ја потпиша, за „со преговори да се дојде до решение“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.