Рахој смета дека вонредните мерки се единствен начин за запирање на кризата

Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави во средата дека вонредните мерки во Каталонија се единствениот начин да се избегне уривање на економијата во оваа североисточна покраина и во цела Шпанија се „единствениот можен одговор“ на обидот на каталонската влада да прогласи самостојна република, додека каталонската левица најавува масовни протести.

Во текот на седницата во парламентот во Мадрид, на којашто опозициските пратеници поставуваа прашања во врска со актуелните настани, шпанскиот премиер Маријано Рахој рече дека кризата во Каталонија ги намалила економските очекувања за следната 2018 година, како и дека компаниите продолжуваат да ги преместуваат седиштата од Каталонија во различни делови на Шпанија.

„Податоците за вработеноста може да паднат и да биде прекинато економското закрепнување кое се одвива последните години. Поради тоа целата на членот 155 од уставот ќе го врати владеењето на законот и соживотот кој напукна. Целта е да се запрат негативните последици врз стопанството кое ги испровоцира оваа криза“, предупреди Рахој.

Сенатот, горниот дом на шпанскиот парламент, би требало во петок да ѝ одобри на шпанската влада преземање на контролата над каталонските финансии, полицијата телекомуникациите и покраинските јавни медиуми, што вклучува и отстранување на актуелната каталонска влада и за шест месеци распишување избори. Ден претходно, во четвртокот, ќе се сретнат пратениците во каталонскиот парламент и ќе го соопштат својот одговор на воведувањето на споменатите мерки, а во него мнозинството мандати го имаат поборниците на независноста.

Каталонскиот претседател Карлес Пучдемон веројатно ќе присуствува во четвртокот попладнето во Сенатот во Мадрид, каде што пред комитетот за распишување избори ден подоцна ќе ги изнесе своите ставови. Предложено му е самиот да ги распише предвремените избори пред да бидат воведени мерките и така да се избегне нивната примена, иако шпанска влада наведе дека тоа нема да го спречи применувањето на членот 155. Каталонската влада претходно оваа седмица порача дека никакви избори засега не се разгледуваат.

Рахој во средата изјави дека вонредните мерки се „единствениот можен одговор“ на кризата во Кaталонија со што го одби барањето на опозициската партија од левиот центар – социјалистите од PSOE да не ги применува мерките доколку Пучдемон распише избори до петокот и изгласување на мерките во парламентот. PSOE минатата сабота го поддржа воведувањето на овие мерки и во тоа е сојузник на владејачката Народна партија, од десниот центар, на премиерот Рахој. Народната партија, инаку, има мнозинство во Сенатот, доволно за изгласување на мерките.

Каталонската левица, којашто бара прогласување на република Каталонија, предупреди дека доколку бидат одобрени мерките во шпанскиот парламент, луѓето ќе излезат на улиците на масовни протести. Антикапиталистичката партија Кандидатура на нарoдното единство (CUP) и повика Каталонците на граѓанска непослушност, додека Каталонската републиканска левица (ERC), која е дел од каталонската влада, тврди дека населението во покраината ќе одговори на мерките од Мадрид со излегување на улиците.

„Луѓето ќе ја бранат својата легитимно избрана влада. Повлечете го членот 155, барам од вас разговори, дијалог и посредување во преговорите“, изјави во шпанскиот парламент Жоан Тарда, пратеник на ERC.

Синдикатот на каталонските студенти ширум Каталонија повика на мирни протести против „репресијата“ во среда и во четврток. „Не можат да спроведат репресија над цел еден народ“, се истакнува на плакатите кои повикуваат на протести.

Портпаролот на шпанската влада, воедно и нејзин министер за образование, култура и спорт, Ињиго Мендез де Виго, изјави дека владата нема да употребува сила во спроведување на мерките во Каталонија.