Рахој: За повредените е виновна каталонската влада

Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави во неделата ноќта дека за 761 повредено лице во Каталонија во текот на полициската акција за спречување на одржувањето на референдумот за независност на оваа покраина е одговорна каталонската влада којашто го кршела законот настојувајќи да организира незаконско изјаснување.

„Одговорни за тоа се единствено и исклучиво оние кои го промовираа кршењето на законот и разбивањето на соживотот. Не барајте други виновници, бидејќи ги нема. Ние го сторивме она што моравме да го направиме. Ја исполнивме својата обврска, однесувајќи се во согласност со законот, и само со законот. Државата одговори цврсто и трезвено“, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој на прес-конференцијата во Мадрид.

Откако автономната каталонска полиција по налог на централниот суд не ги затвори училиштата во кои поборниците на референдумот за независност ги внесоа гласачките кутии и ливчиња, шпанската полиција донесена од другите региони на земјата започна операција за одземање на изборниот материјал затворајќи 92 училишта при што на влезовите граѓаните даваа мирен пасивен отпор, но четири лица, од кое едно малолетно, се приведени поради давање отпор за извршување на полициска наредба и напад врз полициски службеници.

„Докажавме дека нашата демократска држава е способна да е брани од сериозни напади како што е овој кој со овој незаконски референдум. Нека се откажат од нови чекори на патот кој не води никаде“, додаде Рахој кој ја води владата на десниот центар.

Ѝ се заблагодари на поддршката на Европската унија, најголемата опозициска партија Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) којашто досега беше заедно со неговата конзервативна Народна партија единствената етаблирана партија во Шпанија од воведувањето на демократијата во 1973 година, како и на партијата од центарот Граѓани.

„Можам јасно да ви кажам она што сите веќе го знаете – денеска немаше референдум за самоопределување на Каталонија. Присуствуваме на обична претстава“, истакна Рахој додавајќи дека повеќето Каталонци не учествувале во случувањата во неделата.

„Во таа неодговорна политика некои се обидоа да ги стишат оние коишто мислат поинаку. Ги повредија основните права и ги пречекорија основните граници на демократскиот декор“, ја нападна Рахој каталонската влада којашто го заговара отцепувањето и создавање република наспроти Шпанија која по уредувањето е монархија.

Рахој ги повика другите партии во шпанскиот парламент на заедничко осмислување на иднината со којашто треба да се соочат обединети.

По него прес-конференција одржа лидерот на многу ослабената социјалистичка партија, Педро Санчез. „Ние ќе бидеме на висината на задачата. Ќе бидеме гаранција на стабилноста бидејќи ја поддржуваме правната држава“, рече.

Социјалистите и конзервативците се менуваа на власт во Шпанија во последните четири децении, но на последните парламентарни избори PSOE се најде на работ да стане третата политичка сила и по третото повторување на парламентарните избори, по кои со месеци Рахој не можеше да состави влада поради појавата на новите движења и партии, вклучително и сепаратистичките партии кои влегоа во парламентот во Мадрид.

Овие две главни партии се противат на промената на уставот со кој би се озакониле референдумите за 17-те покраини, од кои во Каталонија, Галиција и Баскија постојат вековни сепаратистички тенденции.