Рајхел: Власта и опозицијата да најдат излез од кризата

Германија е загрижена од политичката криза во Македонија и последните случувања во Куманово и се надева дека инцидентот нема да придонесе за ширење меѓуетнички тензии. Бара одговорност и од власта и опозицијата, но и сите општествени чинители. Очекува независни судски истраги за случаите изнесени во објавените телефонски разговори. Ја поддржува вчерашната лидерска средба и смета дека таквите средби можат да доведат решенија кои ќе значат враќање на довербата во институциите и демократските процеси.

Ова е пораката што ја упати специјалниот делегат за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА Ернст Рајхел по денешните средби со вицепремиерот Фатмир Бесими, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерите на ДУИ и на СДСМ Али Ахмети и Зоран Заев.

Со неговата посета, вели, се нагласува загриженоста на Германија за иднината на земјата.

– Длабоко сме загрижени од последните настани во Куманово и од насилството што се случи таму. Упатуваме искрено сочувство до семејствата на жртвите. Се надеваме дека инцидентот нема да предизвика проширување на тензиите во меѓуетничките односи. Убаво беше да се види дека граѓаните на Куманово од сите етникуми беа заедно по инцидентот. Јасните и недвосмислени изјави од соседните земји беа охрабрувачки и исто така одвратија какви било обиди за дестабилизација на ситуацијата. Побарав од моите соговорници да посветат посебно внимание за дополнително да не се затегнуваат меѓуетничките односи, изјави Рајхел.

Неодамнешните оставки на владини министри и на директорот на УБК, додаде тој, може да бидат важни чекори за враќање на јавната доверба и да се посвети внимание на суштинските проблеми кои излегоа на површина.

– За ова да биде можно секако треба да се преземат други натамошни мерки. Во моите разговори со политичките лидери посочив дека мора на конкретен начин да се земат предвид обвинувањата за сериозни прекршоци на владини претставници коишто произлегоа од објавените телефонски разговори. Очекуваме независни и кредибилни судски истраги за обвинувањата коишто беа изнесени, вклучително и обвинувањата за коруптивни однесувања, влијанието врз судството, како и на интегритетот на изборниот процес. Јас исто така им посочив на моите соговорници на потребата да преземат конкретни мерки кои се однесуваат на недостигот на институционална и медиумска независност, истакна Рајхел.

Наоѓањето излез од оваа сериозна криза, како што посочи, ќе бара одговорност и делење на таа одговорност и од Владата и од опозицијата.

– Поради овие причини ние и го поддржуваме вчерашниот состанок на лидерите на четирите партии во присуство на ЕУ и САД. Искрено се надеваме дека овој формат на средби ќе доведе до договори коишто ќе овозможат враќање на довербата на институциите на вашата земја и на демократските процеси, рече Рајхел.

Додаде дека сите учесници вклучително и судството, медиумите и сите составни делови на општеството ќе биде треба да се вклучат за Македонија да се врати назад на колосек кон вистински демократска и слободна иднина во евроатлантското семејство.

Ги охрабрил, рече, неговите соговорници многу поактивно и посуштински да се вклучат во процесот на медијација воден од тројца членови на Европскиот парламент.

– Како вистински пријател Германија се надева дека сите страни ќе покажат вистинска заложба за исполнување на европските стандарди за владеење на правото, транспарентност и правичност. Ова се најважните вредности на демократијата и политичката структура на кои вашата земја се обврза како земја која се стреми кон членство во ЕУ и НАТО, рече Рајхел.

Специјалниот делегат за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА истакна дека и Германија, но и партнерите од ЕУ и САД давале и ќе продолжат да и даваат поддршка на Македонија.

Во врска со најавените протести и собири најавени за недела и понеделник, Рајхел посочи дека Германија целосно го поддржува фундаменталното демократско право на граѓаните мирно да протестираат, апелирајќи притоа сите страни да се воздржуваат од насилство.