Рајковиќ повеќе не е тренер на МЗТ Скопје

-Јас сум тренер и човек кој негува високи морални вредности и поради тоа поднесувам неотповиклива оставка и дека на МЗТ Скопје Аеродром му посакувам среќа во следниот период во сите натпреварувања. Се трудев, дадов се од себе, но едноставно не направивме резултат поради што ваквиот мој чекор можеби ќе биде подобар и за клубот и за мене, изјави Рајковиќ на прес-конференцијата по средбата со загрепчани.

Претходно, досегашниот предводник на „металците“ даде свое видување на поразот од хрватскиот тим, кој дојде по пеколна борба и две продолженија, а во кој составот од „Јане Сандански“ во еден момент имаше предност и од 14 поени (54:40).

– Во вечерашниот дуел дадовме се од себе, играчите одиграа чесно, сакаа да победат и во тоа ништо не можам да им забележем. Факт е дека немавме среќа, ја имавме победата в раце, но топката во неколку наврати сама влегуваше во нашиот кош по некои лоши реакции на Џош Скот. Настапивме во состав во кој ги немаше Џеремаја Мејси и Тори Томас, со кои решивме да ја прекинеме соработката, со повредени Дреновац и Лалиќ и со невоигран Синовец. Досегашните резултати не се добри, но се со противници кои сигурно ќе бидат во горниот дел од табелата и овој ростер што сега го оформивме мислам дека веќе почнувајќи од дуелот со Задар па се до 12. коло ќе има шанси да се остварат потребните победи за етаблирање во горната половина од АБА-лигата. Момците дефинитивно имаат капацитет и верувам дека ќе успеат во тоа, прокоментира Рајковиќ.

„Сино-белите“ денес ќе тргнат кон Литванија, каде што в среда ги очекува првиот дуел од Еврокупот против Лиеткабелис. Екипата на ова гостување ќе биде предводена од досегашниот помошник Александар Јончевски. Во тимот нема да бидат Мејси и Томас со кои наскоро и ќе биде официјализиран раскинот на соработката.