Рајковиќ повеќе нема да биде дел од стручниот штаб

Рајковиќ го напушти македонскиот стручен штаб

Трофејниот стручњак Емил Рајковиќ повеќе нема да биде дел од стручниот штаб на македонската кошаркарска репрезентација на претстојниот европски шампионат што ќе стартува на 5 септември. Тој за оваа своја одлука веќе ги известил и челниците на Македонската Кошаркарска Федерација.

„Точно е дека повеќе нема да бидам дел од стручниот штаб на репрезентацијата. Не би сакал да дискутирам за причините, само би им посакал среќа на репрезентативците на претстојниот шампионат“ – изјави Рајковиќ за ЕКИПА.

Македонската Кошаркарска Федерација нема да донесе директна замена за Рајковиќ, со оглед на фактот дека уште пред еден месец за нов помошник на Џикиќ во стручниот штаб беше именуван Александар Јончевски, кој му е прв асистент на Алеш Пипан во МЗТ Скопје.

Рајковиќ во потрага по ангажман во странство
Рајковиќ во потрага по ангажман во странство

Рајковиќ во меѓувреме ги продолжува преговорите за нов клупски ангажман, а приоритет му се преговорите со заинтересираните клубови од странство.

„Не се договорив со Сласк, во меѓувреме интерес покажа уште еден клуб од Полска, но ја одбив и таа понуда. Постои интерес од неколку различни страни, а јас во предвид ќе ги земам само понудите надвор од Македонија“ – истакна Рајковиќ.