Рајн-Некар Левен со младинци против Кјелце

Ракометниот клуб „Рајн-Некар Левен“ ќе го игра натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите против „Кјелце“ со својот аматерски тим, поради конфликтот со раководството на Европската ракометна федерација(ЕХФ).

Вториот тим на Германците игра во третата ракометна лига, па за очекување е дека ќе претрпат катастрофален пораз. Причина за караницата е тоа што ЕХФ не сака да го помести терминот за одигрување на натпреварот.

Германскиот клуб, за кој настапува Филип Талески на 24 март во 16 часот треба да игра на гостински терен во Полска против „Кјелце“, а истиот ден од 18.10 часот е закажано дербито од Бундеслигата против „Кил“.

Одговорните во ЕХФ предложија решение според кое „Кил“ и „Левен“ треба да се откажат од предноста реваншот да го играат на домашен терен, а своите натпревари да ги играат преку недела, а не за викенд. „Кил“ се откажа и ќе игра на домашен терен во среда против „Пик Сегед“, но раководството на „РНЛ“ вели дека нивниот тим во групната фаза жестоко се борел да дојде до предноста на домашен терен и не планира да го испушти од административни причини. Истовремено,„РНЛ“ не сака да игра со втор тим против „Кил“ поради приходите од телевизиските права.

– Не ни е јасно зошто ЕХФ е толку тврдоглав и не сака да го смени терминот. Дербито со „Кил“ го пренесува АРД и сигурно ќе има поголема гледаност отколку осминафиналниот натпревар со„Кјелце“.

РНЛ сезонава веќе одигра натпревари во Бундес лигата и во Лигата на шампионите во само 24 часа, па очигледно дека судирот меѓу ЕХФ и германскиот клуб преминува во фарса.