Ракометарите на Вардар конечно на финалниот турнир во ЛШ

Ракометарите на Вардар го остварија повеќегодишниот стремеж и првапат во четвртиот обид се палсираат на турнирот на четирите најдобри екипи во машката Лига на шампиони, откако во четвртокот вечерта ја остварија и втората победа над германскиот претставник Фелнсбург со убедливи 35:27.

Раул Гонзалес пред мечот изјави дека неговите играчи нема да тргнат во дефанзива на триумфот од 26:24 од првиот натпревар. Вардар веднаш наметна темпо, со силна зона 5-1 во одбраната и повторно со извонредниот Арпад Штербик, со што дојде до 10:6 во 22 минута. Фленсбург немаше одговор, па предноста на полувреме достигна највисоки 15:10.

Германците немаа избор освен да тргнат со сите сили кон голот во вториот дел, со брз центар и без голман, меѓутоа тоа им се одмазди уште 44 минута кога Вардар оствари недостижна предност од девет голови 26:17.

Во конечните 35:27 најзначаен удел имаа Лука Циндриќ со седум голови, по пет постигнаа Данил Шишкарев и Алекс Дујшебаев, а Арпад Штребик дојде до 12 интервенции. Прв стрелец на натпреварот беше Андерс Егерт од Фленсбург со осум голови.

Вардар е првиот учесник на Ф4-турнирот во Келн, кој ќе се одржи на 3 и 4 јуни. Покрај него за место конкурираат и победниците од мечевите ПСЖ – Пик Сегед (30:27), Барселона – Кил (26:28) и Монпелје – Веспрем (23:26).