Ракометарите пристигнаа во Тулуз

Машката ракометна репрезентација на Македонија допатува во Тулуз, каде утре го игра натпреварот од 4.коло од квалификациите за Европското првенство 2016 година против Франција. На првиот меч одигран на 29 април во Скопје, триумфираа Французите со 27:25.

На  дуелот во Тулуз Французите се апсолутни фаворити. Македонската селекција со една промена во однос на скопскиот дуел ќе настапи во Франција. На местото на повредениот Наумче Мојсовски во составот ќе биде Филип Талески. Повредата на рамото на шутреската рака го спречи Мојсовски да биде во игра и во вториот дел на првиот натпревар на овие две селекции.

Промени во составот ќе има и во француската селекција. Поради повреда нема да настапат  Ксавиер Бараше и Вилијам Акрамбе. Ново име во францускиот тим ќе биде Адриен Дипанда.

Натпреварот Франција – Македонија се игра во Тулуз (почеток 17 часот), градот каде игра и македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, а според најавите салата со капацитет од околу 4.000 гледачи ќе биде полна бидејќи влезниците од порано биле распродадени.

Во вториот дуел од нашата група Чешка е домаќин на Швајцарија и овој дуел се игра во недела.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.