Ракометарите стартуваа со пораз во квалификациите за ЛОИ во Рио

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз го заврши првиот натпревар во квалификациите за Летните олимписки игри во Рио.

Во натпреварот од 1.коло на група 1, чиј домаќин е полскиот град Гдањск, македонските ракометари загубија од Полска со 25:20, а на полувреме резултатот беше 13:9 за домаќините.

Капитенот Кирил Лазаров со 8 постигнати голови беше најефикасниот наш ракометар, а Гоце Георгиевски и Дејан Манасков постигнаа по 4 голови за црвено-жолтите.

Во победничката репрезентација најефикасен беше Карл Бјелецки со 7 гола.

Во првиот натпревар од оваа група Тунис убедливо со 35:29 го победи Чиле.

Утре нашите ракометари ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Тунис. Натпреварот се игра утре од 18 часот и 30 минути. Во вториот меч ќе играат домаќинот Полска и Чиле.