Ракометните кадетки ја извојуваа втората победа на ЕХФ шампионатот во Скопје

Македонските ракометарки до 17 години ја забележаа и втората победа на ЕХФ шампионатот што се одржува во Скопје, откако беа подобри од Швајцарија со минимални 24:23.

По скандалот од вторникот кој го предизвика селекцијата на Грција која по половина минута се повлече од теренот поради тоа што на маичките на луѓето од струшниот штаб на домашната репрезентација пишува Македонија, а ЕХФ ја супсендираше од турнирот и ја регистрираше средбата со службен резултат 10:0, денеска „црвено-жолтите“ девојки во крајно изедначен натпревар беа подобри од своите врснички од Швајцарија.

Во првиот дел македонските ракометарки подобро започнаа и го диктираа темпото, притоа имајќи три гола предност (6:3 и 7:4) во два наврата. Сепак, на одмор се замина нерешено 13:13.

На стартот од вториот дел подобро отвори Швајцарија, кои дојде и до позитива од 18:20. Сепак, брзиот тајм-аут на селекторката Дамчевска не дозволи опуштање кај домашните ракометарки, па набрзо Македонија изедначи на 21:21.

До крајот на средбата се играше гол за гол со грешки на двете страни, но македонските девојки беа поприсебни во најважните моменти и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Во четврток е ден за одмор на шампионатот за македонската селакција, по што во петок ќе ги одмериме силите со селекцијата на Фарски Острови. Средбата е со почеток во 17 часот во Кале.