Раковец за РСЕ: Сакаме да ја видиме Македонија што поскоро во ЕУ и во НАТО

Ние би сакале нашите македонски пријатели со јужниот сосед да најдат една солуција која ќе биде прифатлива и за едната и за другата страна. Тоа е многу значајно прашање кое би требало во иднина да се реши, затоа што сакаме да ја видиме Македонија што поскоро во ЕУ и во НАТО, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа словенечкиот амбасадор во Македонија Бранко Раковец.

„Ние сите странски дипломати во Скопје внимателно ги следиме преговорите, но за жал тука можеме да констатираме дека нема некој забележителен напредок. Уште еднаш сакам да истакнам дека ги охрабруваме нашите македонски пријатели да направат чекор во правец со јужниот сосед да се најде едно решение кое ќе биде добро и за Грција и за Македонија“, оценува Раковец.

Во интервјуто за РСЕ, Раковец истакнува дека Словенија секогаш била  адвокат на Македонија во врска со нејзините евро-атлански интеграции и дека ја поддржуваат  Македонија да стане членка и на ЕУ и на НАТО.

„ Тоа го посакуваме и за сите држави од Западен Балкан. Во извештајот на ЕК беа забележани области во кои Македонија во иднина треба повеќе да поработи. Да поработи на реформите во областа на независноста на судството, слобода на медиумите, да се направат чекори кои ќе обезбедат демократски процеси во Македонија“,  изјави амбасадорот на Словенија во државава.