Раковиќ повеќе не е ракометар на Вардар

Хрватскиот ракометар Лука Раковиќ по две сезони поминати во составот на македонскиот ракометен клуб Вардар, одлучи да тргне по нови предизвици.

Десното крило на „црвено-црните“ за две сезони освои три титули со Вардар. Во првата во 2012/2013 ја освои шампионската титула во домашното првенство, додека оваа сезона трофеите во Купот на Македонија и СЕХА лигата. Беше дел од составот на најтрофејниот македонски клуб кој што оваа сезона стигна најдалеку во Лигата на шампионите во својата клупска историја, откако обезбеди пласман во четвртфиналето, каде што бевме несреќно елиминирани од Флензбург.

„Многу сум задоволен од периодот додека настапував во Вардар и од животот во Скопје. Тука поминав две одлични сезони, исполнети со многу успеси. Во првата играв многу повеќе за разлика од втората и имав поголем придонес во остварените резултати, но и во втората сезона сум задоволен од моето издание. Сепак, на мојата позиција беше доведен еден искусен и квалитетен ракометар, а воедно и мој голем пријател Матјаж Брумен, кој што е одличен играч. Но, сметам дека секоја можност што ми беше дадена, максимално ја искористив”, изјави Раковиќ за сајтот на клубот.
Во врска со неговите планови за во иднина, Раковиќ се уште нема одлучено за кој клуб ќе настапува, но очекува во догледно време да реши каде ќе ја продолжи својата кариера.

„Моментално незнам каде ќе ја продолжам мојата кариера, но се надевам дека тоа ќе биде добар и квалитетен клуб, со шампионски амбиции”, додаде Раковиќ.