Ракување на шефовите на држави на двете Кореи

Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин и формалниот шеф на државата Северна Кореја, Ким Јонг-нам се сретнаа во петокот и се ракуваа пред свеченото отворање нa Зимските олимписки игри кои се одржуваат во Јужна Кореја.

Ким, кој официјално ја предводи севернокорејската дипломатска делегација, се сретна со Мун на примањето на челниците организирано пред свеченоста, пренесува службената јужнокорејска новинска агенција Yonhap. Јужнокорејскиот претседател и неговата сопруга ги примале гостите еден по еден. Претставниците на двете спротиставени земји измениле насмевки додека опуштено се ракувале, забалежува агенцијата.

Ким Jо-џонг, помладата и сé повлијателна сестра на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, која е дел од делегацијата која пристигна од Пјонгјанг, се чини не била присутна на приемот, пренесуваат светските агенции.

Ким Јонг-нам, кој ги извршува почесните должности во севернокорејскиот државен врв, е највисокиот функционер на Северна Кореја кој допатувал во посета на Јужна Кореја по завршрувањето на Корејската војна од 1950 до 1953 година, која заврши со примирје но не и мировен договор. Јо-џонг, пак, е прва припадничка на владејачката династија Ким на Северот која зачекорила на јужнокорејска почва по војната.

Ким Јонг-нам и Ким Јо-џонг претходно ги примиле јужнокорејскиот министер за обединување и други функционери, разменувајќи шеги на сметка на многу ниските температури. Сестрата на неприкосновениот челник на Северна Кореја изгледала опуштено, во придружба на четворица телохранители, пред заминувањето со воз од Сеул кон Пјонгчанг, пренесуваат светските медиуми.

Тридневната посета на делегацијата од Пјонгјанг, како што е предвидено, е круна на спектакуларното приближување меѓу двете земји по двете години големи тензии поради балистичката и нуклеарна програма на Северна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.