Рама и Тачи ја одложија посетата на Тетово

Албанскиот премиер Еди Рама и шефот на косовската дипломатија и вице премиер Хашим Тачи, ја одложија посетата на Тетово која требаше да се реализира на 14 мај, пишува „Дневник“ повикувајќи се на косовските и албанските медиуми.

Според истите извори причина се последните случувања во Македонија.

Рама и Тачи, според најавите, требаше да пристигнат во Тетово каде на Државниот тетовски универзитет беше најавено дека ќе им се додели титулата Хонорис Кауза.

Инаку, медиумите во Тирана и во Приштина, деновиве, во своите коментари за пристигнувањето на Рама и Тачи во Тетово, оценија дека тие во Македонија пристигнуваат да се сретнат со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, за да им дадат поддршка во напорите за подобра соработка на албанските партии во Македонија, а особено да дадат поддршка на ДУИ и Али Ахмети.