Рама има синови католик и православен и жена муслиманка

Албанскиот премиер Еди Рама сакајќи да потврди дека може да се живее во меѓурелигиска хармонија, за италијанската телевиизја Ла7 ја објасни верската припадност на членовите на неговото семејство, јави дописникот на МИА.

Според него, тој и синот од вториот брак се католици, синот од првиот брак е православен, додека неговата сегашна сопруга е муслиманка.

– Јас сум католик, зашто баба ми сакаше да бидам тоа, иако дедо ми беше православен. Црквата не дозволувала таков брак. Таа отишла во Ватикан за да добие дозвола да се омажи за дедо ми и го напишала како атеист иако тој бил православен и ветила дека нејзините деца ќе бидат католици. Така и се случило. Татко ми и ние, неговите деца, сме католици. Синот од мојот прв брак е православен, додека малиот Захо, од вториот брак, е католик иако неговата мајка, мојата сегашна сопруга е муслиманка. Тоа е верската хармонија во Албанија, изјави Рама.

Инаку, на 22 септември, на заминување по историската посета на Тирана, папата Франциско аеродромот го гушна и благослови малиот Захо, по што неговиот татко, 51-годишниот Рама, првпат јавно призна дека е католик.