Македонија

Рама: Не сум се заканил со вето за Македонија

Рама: Не сум се заканил со вето за Македонија
Albania's Prime Minister Edi Rama, in a televised address in the capital, Tirana, on Friday.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска негира дека се заканил со вето за приемот на Македонија во НАТО. На заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ во Тирана, Рама рече дека побарал само целосно почитување на Рамковниот договор.

– Нити сум се заканил, ниту сум прогласил став за вето, зборот вето вие сте го ставиле (новинарите) со помош на извесни политичари во Тирана. Ние сме членка на НАТО и зборуваме во име на НАТО, кога се зборува за тоа. Не е ниту закана ниту блокада, туку само став, изјави Рама.

За настаните во Куманово, албанскиот премиер оцени дека покажале колку е кревок мирот на Балканот.

– Неспорен интерес на Албанија и на Албанците во Македонија е територијалниот интегритет и функционирањето на Македонија, рече Рама.

За Албанија, според него, е неприфатливо загрозувањето на територијалниот интегритет на која било држава и смета дека тоа е неприфатливо за одржување на демократијата, стабилноста и мирот во регионот.

– Повреда на интегритетот и нефункционирањето на Македонија е неприфатливо за нас. Ние сакаме да се имплементира Охридскиот договор. Албанците и Македонците се конститутивни фактори, рече Рама.

Албанскиот премиер нагласи и дека Тирана е против етнички поделби. – Сите земји во регионот и пошироко треба да се дистанцираат од таквите повици, кои му припаѓаат на минатото и немаат врска со нашите напори за денешен и утрешен Балкан, изјави Еди Рама.